Реал се прошета на „Риазор“, Навас фати пенал (ВИДЕО)

Доминацијата на Реал Мадрид која почна во Скопје, против Манчестер, а продолжи во шпанскиот Супер куп со Барселона, продолжи и во почетното коло од Ла Лига, на гостувањето кај Депортиво Ла Коруња.

Кралскиот клуб победи со 3-0 надигрувајќи го лесно, инаку, мотивираниот противник. Токму затоа во два-три наврата домаќините го тестираа Кејлор Навас, додека резултатот уште беше 0-0, но тоа се промени во 20. минута. Лука Модриќ упати шут надвор од шеснаесетникот, голманот на Депортиво лошо одбрани, а „отпадокот“ стигна до Бејл кој само ја смести топката во празната мрежа.

Седум минути истото го направи Касемиро, откако претходно Марсело му креираше цела шанса со нафрлување од лево, за 2-0 на паузата. Конечните 3-0 ги постави Крос во 62. минута по додавање на Бејл, иако тоа можеше да се смени во 89. минута. Депортиво доби заслужен пенал во 89. минута, но Навас интервенираше на ударот на Андоне.

Натпреварот го зачини вториот жолт картон и исклучувањето на Серхио Рамос, во втората минута од судиското продолжение. По само едно коло од новата сезона Реал се враќа на табелата онаму каде што заврши во старата, на првото место, поради тоа што славеше со најголема разлика од сите пет победници овој викенд.