Вест Хем го шокираше Челси: Кикс на Менди за три бода на „чеканите“ (ВИДЕО)

Вест Хем го совлада Челси со 3-2 во лондонското дерби на 15.коло во Премиерлигата. Лидерот водеше два пати во текот на натпреварот, но на крајот остана со празни раце и по комплетирањето на оваа рунда може да остане и без првото место на табелата. 

Тијаго Силва ги доведе „сините“ во водство во 28.минута. Мануел Ланцини во 40.минута израмни на 1-1 од пенал, а пред крајот на првиот дел Челси повторно поведе со голот на Мејсон Маунт.

Џерод Боуен погоди за 2-2 во 56.минута, а победничкиот гол за „чеканите“ го постигна Артур Масуаку во 87.минута за кого ова беше прв погодок во Премиерлигата по 96 натпревари. 

Голот сепак оди на душа на голманот Едуард Менди, кој можеше и мораше подобро да реагира на случајниот шут на Масуаку. 

На овој пораз на Челси најмногу ќе се израдуваат Манчестер сити и Ливерпул, кои со евентуални победи денеска ќе го турнат ривалот дури на третото место на табелата.