Верувале или не: Кристијано Роналдо не е во „топ 15“ највредни фудбалери на светот (ФОТО)

Петкратниот освојувач на „златната топка“ Кристијано Роналдо, актуелната прва ѕвезда на италијански Јувентус не е ни меѓу десетте највредни фудбалери на денешницата, објави консултантската куќа „КПМГ Глобал Спортс Нетворк“, која објави ревидирана анализа под името „Фудбал Бенчмарк“ околу највредните светски фудбалери, но и највредните младинци.

Роналдо кој ланското лето од Реал Мадрид мина во Јувентус за 117 милиони евра и има 30 милиони евра годишна плата, во истражувањето на оваа глобална консултантска фирма, која соаботува со илјадници други консултантски куќи, воопшто не го стави на листата на највредни фудбалери во моментов, иако финансискиот ефект на Португалецот и тоа како го почувствува „старата дама“ со неверојатно зголемување на приходите, најмногу во делот на маркетингот за една година после неговото доаѓање.

Оваа консултантска групација повторно го стави Килијан Мбапе, суперталентот на ПСЖ на врвот на највредните фудбалери со 225 милиони евра вредност и тој е единствен кој ја надминува сумата од 200 милиони евра, а зад него е најскапиот светски фудбалер Нејмар со 185 милиони евра, додека трет е освојувачот на „златната топка“, Лионел Меси со 180 милиони евра.

Интересно, „КПМГ“ објави графика со највредните десет фудбалери, но посочува и дека има уште петмина што моментно на фудбалскиот пазар вредат над 100 милиони евра – Џејдон Санчо (116 милиони, Борусија Дортмунд), Пол Погба (115 милиони, Манчестер јунајтед), Вирџил Ван Дијк (114 милиони, Ливерпул), Френки Де Јонг (106 милиони, Барселона) и Маркус Рашфорд (100 милиони, Манчестер јунајтед). Ова значи дека Роналдо во моментов не вреди ни 100 милиони евра, што помалку и делува чудно.

Убедливо највреден младинец е Санчо со 116 милиони, пред Виничиус од Реал Мадрид, кој вреди скоро двапати помалку, а трет е Родријго со 56 милиони евра и тој фудбалер на „кралевите“. Инаку најголемо зголемување на цената има Микел Ојарзабал од Реал сосиедад за цели 21 милион евра во последните три месеци, пред Рахим Стерлинг чие зголемување е за 19 милиони евра, колку што има и Мартин Одегард, исто така фудбалер на Реал Сосиедад.