Удинезе не го пушта Несторовски во Сампдорија, а не добива ни минутажа!?

Удинезе го блокира трансферот на Илија Несторовски во загрозената Сампдорија, објавија италијански медиуми, откако посериозно се повреди Жерар Делофеу.

Несторовски во изминатава недела се најде во фокус со можен трансфер шест месеци пред да му истече договорот, па прво амбициозната Реџина силно се загреа за него, а потоа и тренерот на калчолигашот од Џенова, Дејан Станковиќ кој бара засилувања во обидот за спас на сезоната и опстанок во Серија А.

Но, иако Несторовски е дури четврти во хиерархијата за нападот на Удинезе, па добива минутажа на лажичка, последните информации на „Ил Газетино“ се дека црно-белите го блокираат трансферот поради повредата на Делофеу и дека заминувања од клубот ќе бидат можни само на лето, а тогаш на прилепчанецот му завршува договорот.

И останувањето на Несторовски во Удине не би било проблем, ако центарфорот добие навистина повеќе шанса да игра и да дава голови, во спротивно би останало нејасно зашто Удинезе би блокирал трансфер на фудбалер на кого сериозно не смета.

Македонскиот репрезентативец е дел од Удинезе од летото 2019 година кога Палермо банкротираше, па дојде како слободен играч, а летоска го продолжи договорот на „Дачија Арена“ за една сезона.