Трајковски: Ова е мојата најдобра сезона во кариерата!

Македонската десетка во Палермо, Александар Трајковски посочи дека оваа сезона е негова најдобра во кариерата, во интервјуто за „Кориере дело Спорт“.

Трајковски од сезонава игра со десетката на грбот и доби поинаква улога како вистински плејмејкер, па освен што дава голови, асистира и е еден од најдобрите фудбалери на сицилијанскиот тим во оваа сезона во која главна цел е – враќање во калчолигашката елита.

„Ова е моја најдобра сезона! Работам многу за тимот, ја вратив самодовербата, играм добро за македонската репрезентација. Среќен сум за овие моменти. Голот во Падова беше по перфектна акција, ама за Макеоднија додов уште подобри. Со Стелоне на клупата, јас можам да играм каде сакам, дури ако треба и во дефанзива. Со актуелниот тренер имам добар однос, победите доаѓаат...“, вели Трајковски.

Тој веќе три години е дел од Палермо, со кој играше и во Серија А, а посочи дека од првиот ден се заљубил во клубот.

„Јас сум 'росанеро' од првиот ден, ми се допаѓа градот, мојот син е роден тука. Никогаш не помислив да си заминам, а на лето сè може да се случи. Јас сега сум фокусиран само да се вратиме на Серија А. Го сменивме пристапот, сега не сакаме да губиме, не се помируваме со тоа. Стелоне ни влеа победнички менталитет, сега сме први и така сакам да продолжиме. Размислуваме само за Серија А, а таа не е само наша цел, туку на цел Палермо“, додава Трајковски.