Тотнем конечно ќе се засилува: Позната листата од четири желби на Покетино

Финалистот во Лигата на шампионите сезонава, лондонски Тотнем до најголемиот успех стигна откако изминатава сезона не потроши ни цент за засилувања, па двата преодни рока ги преспа како да се казнети и без оглед на проблемите со повредените фудбалери успеа да стигне до завршната битка за највредниот клупски фудбалски пехар.

Но, ако во сезоната што заврши Тотнем немаше никаква активност на фудбалскиот пазар, сега за новата менаџерот Маурисио Покетино веќе подготви листа на желби и истата ја доставил до раководството на клубот за да му ја – остварат.

На листата на желби има два суперталенти, еден фудбалер со сериозна вредност за кого пола Европа се тепа и еден фудбалер кој веќе има премиерлигашко искуство и треба да биде само освежување за нападот.

Во преден план се суперталентите Дони Ван Дер Бек од Ајакс, кој блескаше сезонава и е фудбалер за врска, потоа младиот Италијанец од Рома, Николо Заниоло, офанзивниот играч за врска, како и највредниот од сите Танги Ндомбеле, извонредниот дефанзивен фудбалер за врска од Лион. Последниот на списокот е Риан Сесењон од Фулам.

Наводно, Покетино побарал сите четворица да бидат донесени со што би се зголемила конкуренцијата, а широчината во изборот на извонредни фудбалери би му дале на лондонскиот тим шанса да се бори на сите фронтови и да стигне до некој трофеј.