Торино не го продаваше Белоти ни за 100 милиони, па на лето ќе го загуби без евро ќар!

Италијанскиот репрезентативец Андреа Белоти, за кого до пред три години се тепаа најголемите италијански калчолигаши, ќе го остави Торино без едно евро ќар, зашто одлучил на лето да си замине бесплатно како слободен играч од таборот на „биковите“.

Торино се инаетеше околу продажбата на белоти, кога центарфорот беше во најсилна форма, па бараше и над 100 милиони евра, за на крај превредниот напаѓач да го остави клубот без никаква заработка зашто во јуни догодина му завршува договорот со Торино и нема намера да го продолжи.

„Белоти нема да го продолжи договорот, но нема ни да си замине во јануари“, објави тренерот на Торино, Горан Јуриќ.

Центарфорот летово со Италија стана европски првак, па сега неизвесно е каде ќе замине за да ја продолжи кариерата, а медиумите најавуваат дека тој сака исчекор во поголем клуб каде ќе може да освојува трофеи.

Последните информации најавуваат дека Милан е најсериозен за да го ангажира, а „росонерите“ беа и претходно меѓу калчо-гигантите кои го сакаа Белоти, но не сакаа да одвојат премногу пари за негов ангажман.