Тинејџерот на Манчестер јунајтед влезе во историјата, а нема уште 18 години!

Масон Гринвуд на две недели пред да стане полнолетен и да наполни 18 години се запиша во историјата на еден од најголемите клубови во Европа, Манчестер јунајтед, откако синоќа со погодок му донесе воведна победа на својот тим во новата сезона во Лига Европа.

Гринвуд беше решавачки за победата со 1-0, откако погоди во 73-та минута од мечот, а стана првиот фудбалер на „црвените ѓаволи“ кој е роден во новиот милениум, а погодил за еден од најголемите европски клубови.

Тој во минатата сезона брилјираше за младинскиот тим до 19 години во младинската ЛШ и Премиерлигата, па Оле Гунар Солшер експресно го приклучи во првиот тим и нема да биде изненадување ако се повеќе добива шанса сезонава. Досега собра 47 минути, а против Астана првпат беше стартер и даде гол за – историја.