Светски првак од 2018 го засили нападот на Удинезе

Некогаш големата француска надеж Флоријан Тован, кој беше светски првак со „триколорите“ на Мундијалот во 2018 година е ново засилување на италијански Удинезе.

Французинот кој зимава стана слободен играч откако го раскина договорот со мексикански Тигрес доаѓа како засилување за нападот и офанзивата на црно-белите после сериозната повреда на коленото на Жерар Делофеу.

Тован веќе ги мина синоќа лекарските прегледи, а денеска го потпиша договорот и тој ќе остане на „Дачија Арена“ до 30 јуни 2025 година.

Инаку е поранешен фудбалер на Марсеј од 2013 до 2021 година и во тој период имаше само една кратка авантура во англиски Њукасл. За Франција играше во периодот од 2017 до 2019 година и беше дел од шампионската генерација која во Русија ја освои титулата.