Стојановски за угледниот Ле Паризиен: Ваква шанса со Македонија можеби вторпат ќе немаме!

Сензационално дојде веста во летото 2019 година дека талентираниот центарфор на тетовска Ренова, Влатко Стојановски, кој беше и најдобар стрелец во тоа време, направи трансфер во доста силната француска Лига 1, потпишувајќи за Ним, клуб во кој по една сезона не се снајде, не доби ни премногу шанса, па сега гол-формата со добра минутажа ја бара во второлигашот Шамбли, како еден вид подготовка за повторно враќање во француската елита.

Стојановски преку ноќ направи голем трансфер во сериозна лига, стигна и до македонската А-репрезентација, откривајќи колку македонската фудбалска елита очигледно премногу потценувачки гледа(ла) на домашните таленти, па откако некој ќе направи голем трансфер сфаќа каков пропуст бил направен.

Напаѓачот сега за еден од најугледните француски весници, „Ле Паризиен“, раскажува за сонот за Македонија да игра на Европското првенство догодина, за одлуката од Лига 1 да направи „чекор наназад“ во Лига 2, ама и за својот деби гол за националниот тим.

„Голгетерот на Шамбли, кој го сонува Евро“ е насловот на „Ле Паризиен“, зашто веројатно Стојановски ќе биде првиот фудбалер кој би можел да обезбеди настап на Европско првенство, а доаѓа од ова мало клубче во еден од фудбалските великани во европскиот и светски фудбал Франција. „Европско првенство е сон за секој фудбалер. Ќе биде историја ако се пласираме. Никогаш претходно сме немале ваква шанса и сега ни се случува. Можеби вторпат ваква шанса нема да ни се укаже - мора да ја зграпчиме“, вели Стојановски, во исчекување на пресметката во Тбилиси на 12 ноември против Грузија за визата која носи во група во Букурешт и Амстердам со селекциите на Холандија, Австрија и Украина.

Во Ним немаше преголема минутажа, речиси да не играше во Лига 1, доби шанса во Куповите, даде два гола, но очигледно од слабата македонска лига му треба(ше) многу поголем период за прилагодување на многу посилниот фудбал и Шамбли сега е место каде што ќе треба како напаѓач да фати гол-ритам, од што најмногу корист ќе има и – фудбалската репрезентација.

„„Лига 1 е многу на повисоко ниво од македонската лига и ми требаше многу време за да се прилагодам. Се надевам дека ќе бидам многу подобар за следната сезона. Не сакав да останам во Ним само колку да земам плата. Млад сум и треба да играм моментно. Посебно да најдам начин да ги тресам мрежите. Сакам да давам голови, дури и на тренинг. Ако не дадам гол, не сум среќен“, потецира Стојановски.

Лани во номеври дебитираше со гол за Македонија во Виена, во поразот со 1-2 од фаворизираната Австрија, па погодокот за националниот тим уште многу долго ќе го памети.

„Тоа чувство да дадеш гол за Македонија е нешто фантастично. Играв за најсилната репрезентација. Нешто неверојатно. Нешто што ќе го паметам до крај на животот. Уште ја паметам акцијата, продорот, центаршутот и мојот скок за голот со глава. Претходно имав две шанси, една со лева нога, една со глава и австрискиот голман со два одлични рефлекси го спаси голот. После голот немаше кој не ми се јави“, завршува Стојановски.