„Старата дама“ го претстави Португалецот: Роналдо откри зошто го одбра Јувентус!

Кристијано Роналдо денеска официјално потпиша договор со Јувентус, по што беше претставен и одговараше на новинарски прашања.

Во просториите на Јувентус се собраа стотици навивачи кои сакаа да бидат дел од претставувањето на Роналдо. Португалецот одговараше на многу прашања, но најважно беше тоа зошто го одбрал Јувентус.

„Тоа не е лесно да се одговори. Јувентус е еден од најдобрите клубови во светот. Многу добро размислив. Пријателите и колегите ми кажаа дека можам да играм во клубот и поради тоа одлучив да потпишам за Јуве. Тоа е голем клуб, најголем во Италија. На крајот и не беше тешка одлука за мене“, вели Роналдо.

Португалецот кажа дека сака нови предизвици и токму тоа ќе го добие во Јувентус.

„Размислувам за сегашноста. Сакам фудбал, уште сум млад и сакам предизвици. Ова не е само кариера, туку и исполнување на сонот. Играв за Спортинг, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и сега Јувентус. Не можев да замислам подобро. Ова е голем предизвик за мојата кариера. Можам да ја продолжам кариерата на високо ниво и тоа е најважно“, објаснува Португалецот.

Се потсети и на своето време поминато во „кралскиот клуб“, но вети дека ќе се потруди да му помогне на Јуве во борба за титулата во Лигата на шампиони.

„Во Реал поминав девет одлични сезони, но дојде време за нов чекор во кариерата. Ќе се обидам да покажам и тука дека сум врвен играч, ќе тренирам максимално и сакам да покажам колку можам. Многу сум амбициозен и сакам нови предизвици. Знам дека ова е тешко првенство, но потребни ми се нови искуства во кариерата. Секогаш имав тешки предизвици и не сакам да седам и гледам на тоа што го постигнав со напорна работа, туку сакам да продолжам да работам и ќе го дадам својот максимум. Знам дека трофејот во Лигата на шампиони го сака секој клуб. Сигурно ќе се бориме за него. Тој трофеј не може лесно да се освои, но ќе се обидам да му помогнам на Јуве тоа да постигне на крајот“, кажа новиот играч на Јувентус.