Спортскиот директор на Леванте обелодени: Се договоривме со Барди за нова соработка!

Шпанскиот прволигаш Леванте и македонскиот репрезентативец Енис Барди веќе се договориле за новиот договор со кој фудбалерот за врска и специјалистот за слободни удари треба да добие нов подобрен договор, од ланскиот кој го потпиша по доаѓањето за 1,5 милиони евра од унгарски Ујпешт.

Барди многу брзо стана хит во Ла Лига, откако во дебитантската сезона даде девет гола, од кои пет од слободен удар и со тоа се запиша во историјата како најдобар дебитант стрелец на пет гола од прекини. Патем, Барди се запиша во историјата и како стрелец на најбрзи два гола од слодобен удар, против Атлетик Билбао, откако на најскапиот светски голман Кепа Аризабалага (замина за 80 милиони евра во Челси) му даде два гола за 120 секунди.

И откако медиумите пред неколку дена најавија дека Леванте, подисплашен дека европски гиганти може многу брзо да ја активираат откупната клаузула од 25 милиони евра, решиле со нов подобрен договор со кој и клаузулата ќе се зголеми најмногу за двојно да го задржат македонскиот фудбалер за врска. Спортскиот директор на Леванте, Висенте Бланко Тито обелодени дека договорот веќе е постигнат со репрезентативецот.

„Веќе го контактиравме за да го потпишеме новиот договор. Ние имавме опција да го продолжиме неговиот договор и да продолжиме со него за уште неколку сезони. Сега сето тоа е веќе договорено“, рекол Тито.