Спортинг Лисабон го продава Стефан Ристовски!

Португалскиот гигант Спортинг Лисабон го продава макеоднскиот репрезентативен десен бек Стефан Ристовски, објави „А Бола“, зашто челниците на „лавовите“ сакаат добро да заработат на фудбалерот кој за два милиони евра дојде од хрватска Риека.

Иако Ристовски има желба да продолжи да игра во Спортинг, а пред неколку месеци се најавуваше дека можно е да добие нов договор, сепак управата на Спортинг донела одлука дека Македонецот е еден од фудбалерите кои може да си одат, нормално ако во клубот дојде прифатлива понуда за трансфер.

Причина за ваквата одлука е што Ристовски, кој се повреди на почеток на подготовките, во моментов бил во втор план кај тренерот зад првата опција Валентин Росиер , платен пет милиони евра на Дижон и Мама Балде, па покриеноста на десната бековска позиција ги ставаат „лавовите“ во позиција да ги слушнат сите понуди за трансфер.

Ланската зима, Лацио имаше желба да го ангажира Ристовски, но тогаш римјаните го сакаа на шестмесечен заем, а потоа евентуално да го откупат, додека Спортинг бараше седум милиони евра. Според „Трансфермаркт“, Ристовски вреди четири милиони, но веројатно португалскиот клуб ќе бара многу повеќе од таа сума на специјализираниот сајт (до шест милиони евра).

И повторно се најавува дека враќањето во Италија е во моментов прва опција, зашто Ристовски пред да дојде во Португалија играше за Парма, Фросиноне, Кротоне, Бари, Латина. Тој има договор со Спортинг до јуни 2022 година