Спортинг ќе му направи пекол на Атлетико со тужба – бара 105 милиони евра отштета!

Се сеќавате на хулиганскиот напад во минатата година во Лисабон, кога 50-на навивачи на Спортинг со фантомки на главата упаднаа во тренинг кампот на клубот, чиј член е Стефан Ристовски, па повредија неколкумина фудбалери. Поради тој чин, најголемиот дел од ѕвездите си заминаа од таборот на „лавовите“.

Наводно фудбалерите се вадеа на тоа дека по таков напад се прекинува договорот на штета на клубот. Такво нешто направи Желсон Мартинс, брзоногото крило, кое експресно се договори со Атлетико Мадрид, па како големо засилување дојде на „Ванда Метрополитано“. Сепак, сега таа соработка може многу скапо да ги чини мадридските црвено-бели.

Новиот претседател на Спортинг, Федерико Варандас по доаѓањето на должноста се обидел да го реши проблемот со Атлетико со одредена отштета за Мартинс. Се обидел да најде компромис, но сето тоа било залудно. Атлетико нудел максимум 15 милиони евра, а Спортинг барал двојно 30 милион и тоа како компромис дека во договорот откупната клаузула на Желсон била 40 милиони евра. Можеби ќе паднела цената до 25-26 милиони евра.

Сепак, во Мадрид не сакале да чујат за такво нешто. И сега може многу да се каат. Спортинг најавил тужба и на суд ќе ја бараат правдата. Само сега бараат и камата, отштета плус и сето тоа стокмено со една цифра од неверојатни – 105 милиони евра. А, можеле да платат една четвртина од тоа што сега го бара лисабонскиот тим.

За крај, Желсон во Атлетико досега одигра 223 минути. Ако судот пресуди во корист на Португалците, тогаш црвено-белите ќе ја имаат утката на векот. Ќе треба да платат речиси еден цел Роналдо по вредност за фудбалер, кој повеќе грее клупа, отколку што трча по топката.