Спалети му ја нашол позицијата на Елмас за новата сезона – класичен плејмејкер

После само еден меч на своето деби како нов тренер на Наполи, Лучано Спалети веројатно ќе ја пронајде вистинската позиција на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, па нашиот дијамант ќе ја добие улогата на класичен плејмејкер, најавува наполитанскиот весник „Ил Матино“.

Елмас го даде првиот гол во првата контролка на Наполи во тирумфот со 12-0 со што почна ерата на Спалети на клупата, а потоа уште двапати асистираше за Виктор Осимен да погоди од четирите гола што центарфорот ги даде на мечот, па според „Ил Матино“, новиот кормилар нема да експериментира премногу со Елмас, туку ќе му даде стрикна задача да игра на позицијата веднаш зад напаѓачот во формацијата 4-2-3-1.

Проценката на Спалети барем на почеток е дека техничките способности на Елмас многу би биле покорисни во третата зона, отколку да експериментира со позиции низ средниот ред, лево, централно, па дури и десно, како што тоа го правел Џенаро Гатузо, кога ќе му дал минутажа, иако таа во минатата сезона беше премала.

Останува да се види дали Спалети многу посериозно ќе смета на македонскиот репрезентативец за разлика од неговиот претходник, а и навивачите тоа го очекуваат за конечно да го видат македонскиот фудбалер во вистинско светло откако пред две лета дојде за 16 милиони евра плус бонуси од турски Фенербахче.