Солшер: Погба е играч на Манчестер јунајтед, не на Мино Рајола

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солшер ја прокоментира изјавата на Мино Рајола од минатата недела, дека неговиот клиент Пол Погба сака да го напушти премиерлигашот и да се врати во Јувентус.

Норвежанецот не го интересира што има да каже агентот на Погба, само го потсети дека фудбалерот е дел од Манчестер јунајтед и не е негова сопственост.

„Не сум зборувал со Мино Рајола, тоа можам да ви кажам со сигурност. И, не, не сум седнал и со Погба да му кажам што треба Мино да зборува во јавност, а што не. Погба е наш фудбалер, на Манчестер јунајтед, не на Мино Рајола“, изјави Солшер.

Погба сезонава не се изнаигра за Манчестер јунајтед, поради тешката повреда на скочниот зглоб. Французинот беше на операција, но Солшер очекува тој да се врати сезонава и да му помогне на тимот да ги оствари целите, а тоа е пласман во Лигата на шампиони.