Сити во победничка серија: „Граѓаните“ го распарчија Кристал Палас и дојдоа на второто место (ВИДЕО)

Дефанзивецот Џон Стоунс со два гола го предводеше Манчестер сити до лесна и убедлива победа, петта во низа, за поранешниот англиски шампион да се искачи на второто место во англиската Премиерлига и да дојде на два бода од лидерот Манчестер јунајтед, кој денеска во дербито ан Англија ремизираше без голови со Ливерпул.

Иако Сити има огромен број на извонредни офанзивци, Стоунс беше предводник во триумфот со два гола, најавувајќи ја и заклучувајќи ја победата против Кристал Палас со 4-0, а Илкај Гундоган и Рахим Стерлинг додадоа по еденза сигурен триумф. Само еден гол прими Сити во петте победи во низа почнувајќи пред Божиќ и со 17 одиграни меча, еден помалку од ривалите, сега се врати во трката за шампионската круна.

„Граѓаните“ стигнаа до 35 бода, колку што има и Лестер на третото место, Јунајтед е на 37 како лидер, додека актуелниот првак Ливерпул има 34, еден пред лондонски Тотнем, што е најава за исклучително неизвесна и суперинтересна битка сезонава за шампионскиот пехар.

Кристал Палас со поразот, трет во последните шест меча, а вкупно осми сезонава, остана на 23 бода на 13-то место на табелата.