„Сити со тaa дефанзивна двојка не може да ја освои Премиер лигата“

Една британска ТВ - емисија која се занимава со преноси и анализи од Премиер лигата, се наврати на големиот кикс кој го имаше екипата на Манчестер Сити, која викендов загуби на гостувањето кај Норич со 3-2. По овој неочекуван пораз, актуелниот шампион на Англија сега заостанува пет бода зад Ливерпул.

Имено, во споменатата емисија специјален гостин беше Гери Невил кој го откри главниот проблем кој го има Пеп Гвардиола.

Легендарниот бек на Манчестер Јунајтед направи анализа на одбранбените фудбалери во Сити, со оглед на дефанзивниот пар за кој се одлучи Гвардиола за дуелот против Норич.

Речиси сите парови покажуваат голема ефикасност освен еден. Николас Отаменди и Џон Стоунс, кои имаат одиграно најмногу натпревари заедно во однос на останатите стоперски комбинации од пристигнувањето на Пеп во Сити, но истите се далеку најлошите дефанзивци во англискиот шампион.

Сити прими најмногу голови со нив, ретко издржуваат да останат без примен гол, а дури 12% (далеку повеќе од сите други парови) на натпреварите што ги започнаа, Сити прими најмалку три голови. Се разбира, ова се рефлектира со серијата на победи. Со овој дефанзивен пар Сити запишува победа со „само“ 68% од случаите. За споредба, вториот најкористен пар (Отаменди и Компани) им донесе победа на Сити во дури 85% од одиграните натпревари минатата сезона.

Шампионатот штотуку започна и иако Сити може да направи таква разлика за само неколку кола, Гвардиола се соочува со сериозен проблем.