Сите му се чудат на Канте: На толку пари уште вози автомобил кој сега вреди 12.000 евра (ФОТО)

За француската ѕвезда Нголо Канте сите веќе знаат дека без оглед на големото богатство и раскошот кој може да си го дозволи со преку 300 илјади фунти неделна плата, фудбалерот за врска живее толку скромно, што фудбалската јавност истовремено и го величи, ама и му се чуди.

Канте е само еден обичен човек, кој не сака да се истакнува, за разлика од најголемиот дел од своите колеги, чии трошења на заработените пари е толку очигледно и по гардеробата, автомобилите, грандиозните вили... А, самиот Канте веќе четврта година вози еден ист автомобил и тоа Мини Морис, кој во моментов има пазарна цена од смешни 12.000 евра.

И ако се пресмета, Канте буквално за еден тренинг во еден ден ги заработува овие пари, а на сметка има милиони со кои може да го купи било кој автомобилски ѕвер. Но, Французинот не се откажува од своето Мини, кое го купил за околу 24.000 евра на ново додека играл за Лестер во 2015 година и сè уште го вози. И иако сега после четири години, цената на автомобилот пресметано паднала на 11.700 евра, сопственикот не се менува.

Инаку, фудбалерот за врска на Челси, кој се најавува дека летово ќе се пресели во Реал Мадрид ја воодушеви Велика Британија со одбивањето дел од платата да му се префрла на негова сметка на некоја од „оф-шор“ оазите низ светот, што е чест случај за да се избегнат високите даноци. Но, Канте веројатно единствен инсистирал да се плаќа данокот како во секоја земја, зашто во Англија работи и заработува и во ред било да си ја исполни обврската.