Шок во Палермо: Несторовски ја заврши сезоната!

Битката за враќање во италијанската Серија А за Палермо станува екстремно тешка откако првиот напаѓач и капитен, Илија Несторовски, македонскиот репрезентативец се повреди вечерва на гостувањето кај Читатела (0-0) и според зборовите на тренерот Бруно Тедино – ја заврши сезоната.

Како што објави Тедино по мечот, Несторовски има повреда на бицепсот на ногата и на тетивата и според првите проценки е дека ќе треба да паузира еден месец, што значи дека за него најверојатно е завршена сезоната, но оставен е простор со брза рехабилитација, ако сицилијанците треба да играат плејоф за пласман во Серија А да може да помогне во клучниот период.

„Повредата на Несторовски е голем удар. Ние досега добивме безброј удари, но успевавме да ги надминеме проблемите. Мора да заборавиме на тешкотиите и да играме пожртвувано. Несторовски има повреда на тетивата и јасно е дека ќе го немаме еден месец, како и Рајковиќ и Белуши. Овие повреди ја забавија нашата трка, но тоа не треба да ни биде алиби“, изјави вечерва Тедино.

Несторовски веќе утре ќе треба да ги има лекарските прегледи за точно да се утврди дијагнозата и да се постави рехабилитациска програма. Ова е втора повреда за него, откако имаше проблем и пред крајот на минатата година поради која паузираше исто така речиси еден месец.

Палермо со синоќешниот бод остана третопласиран со 60 бода, исто колку и Парма, но веќе заостанува два зад Фросиноне, во трката за второто директно место во Серија А. Емполи со 73 бода е убедливо прв и речиси сигурно прв повратник во италијанската елита во идната сезона. Сезоната во Серија Б завршува точно за еден месец, на 18 мај, а потоа од третото до осмото место, низ плејоф ќе се бара третиот патник за калчолигашката елита.