Шкринијар останува во Интер – доби трипати поголема плата!

Еден од најдобрите дефанзивци во италијанската Серија А, Словакот Милан Шкринијар (23) ќе остане во Интер откако ја договорил новата соработка со која останува член на „нераѕурите“ до 2023 година.

Според италијанските медиуми, Шкринијар добил трипати поголема плата и со тоа Интер го затвориле првиот проблем, зашто словачкиот дефанзивец бил на мета на многу клубови, кои сакале да го ангажираат и со многу поголема плата да го убедат да замине од Милано. Сега, Шкринијар ќе добие преку три милиони евра годишно, наспроти нешто над еден милион евра годишна плата која ја имаше досега.

Словакот беше во фокусот на Барселона, а посебно на Манчестер јунајтед, но сега Интер практично си ги решава проблемите. Ова е прва победа на новиот директор Бепе Марота, а наводно официјално за еден месец Интер официјално ќе го објави продолжувањето на соработката со Словакот.

Интер летоска одби 50 милиони евра за Словакот, кој по само една сезона во Сампдорија покажа дека е врвен дефанзивец и се избори за трансфер на „Џузепе Меаца“.