Севилја во меч со осум гола ги совлада Леванте и Барди (ВИДЕО)

Неверојатен натпревар беше одигран денеска на „Санчез Рамон Писхуан“, а екипата на Севилја славеше со 5-3 во мечот против Леванте во рамки на 10. коло од шпанската Ла Лига.

Торес по осум минути им донесе радост на домаќините, а во 24. минута Мир стрелаше за 2-0. Во продолжение од првото полувреме Моралеш намали на 1-2, но Диего Карлос по асистенција на Сусо повторно го врати својот тим на плус два (3-1).

На стартот на вториот дел македонскиот репрезентативец Енис Барди влезе во игра, а веднаш потоа Ел Хадади зголеми на 4-1 и следеше опуштање во составот на Севилја.

Вистински шок им приредија Моралеш со неговиот втор гол и Мелеро, кои за неполни седум минути го вратија Леванте во игра и намалија на 3-4. Сепак, во продолжение Севилја даде уште еден погодок за конечни 5-3.

Севилја е лидер во Ла Лига со 20 бодови, колку што има и Реал Сосиедад, по што следат Осасуна со 18, а Реал Мадрид и Атлетико Мадрид имаат по 17.