Се чека промоцијата: Малага постигнала договор за ангажман на Димитриевски

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски и дефинитивно во новата сезона ќе брани во шпанска Малага, откако веќе е постигнат договор за негов трансфер од Гимнастик и сега се очекува во следните денови само да биде формалната презентација на чуварот на мрежата, објавија утрово шпански медиуми,

Малага денеска го претстави Ренато Сантос, а претходно и Бард Булахруд, па сега се очекува трето засилување во андалузискиот тим да биде Димитриевски. Според најавите, Малага ги договорила условите со македонскиот голман, како и висината на трансферот со Гимнастик. Се споменува цена од еден милион евра за трансфер, но допрва андалузискиот тим ќе ја објави цената за која е купен Димитриевски.

Македонската „единица“ две сезони бранеше за Гимнастик и во минатата сезона прими 43 гола на 39 меча, со што го сврте вниманието кон себе, па Малага експресно изреагира да го ангажира. Македонецот останува да брани во втората шпанска лига, но сега во поамбициозен клуб, кој има цел да се врати во елитата, по минатата катастрофална сезона во која го напушти елитниот ранг.

Инаку Малага е поранешен четвртфиналист во Лигата на шампионите, па пред шест години беше елиминирана од финалистот Борусија Дортмунд во завршницата од елиминациските фази во европското мултимилионско друштво.