Саудијците демантираат: Принцот Бин Салман нема да го купи Манчестер јунајтед!

Откако пред два дена се појавија информации во англиските медиуми дека принцот престолонаследник во Саудиска Арабија, Мохамед Бин Салман преговара за купување на англискиот великан Манчестер јунајтед, стигна и демант за преземањето на „црвените ѓаволи“ од страна на министерството за медиуми на оваа земја.

Според англиските медиуми, Бин Салман со 3,8 милијарди фунти (преку четири милијарди евра) веќе преговарал за купување на клубот од „Олд Трафорд“, кој веќе 14 години е сопственост на американското семејство Глејзер, кои го купија клубот за нецели 800 милиони фунти.

„Информациите дека принцот престолонаследник Мохамед Бин Салман планира да го купи Манчестер јунајтед, се тотално неточни и лажни. Манчестер јунајтед имаше разговори со саудиското кралско семејство околу можноста за спонзорски договори и ништо повеќе од тоа. Никакви купопродажни договори не беа разговарани“, објавил министерот за медиуми, Турки Ал Шабанах.