Сари ја откри причината за кризата на Челси: Моите играчи се премногу самоуверени!

Две гостувања по ред и два порази запича бившиот англиски шампион Челси, откако синоќа неочекувано доживеа пораз од Вулверхемптон со 1-2, по што „сините“ се најдоа веќе на минус 10 во однос на лидерот и првак Манчестер сити, иако до пред две недели беа во жестока битка за врвот заедно и со Ливерпул.

Тренерот Маурицио Сари е свесен дека неговиот тим влезе во криза, посебно на гостинските мечеви, па ако во градското дерби со Тотнем пред десет дена го загубија на поинаков начин, сега Италијанецот е уште помалку задоволен, поради поразот со пресврт во мечот кој мораше да го добијат. Раул Хименез и Диего Хота погодија за Вулфс за да направат пресврт.

„После овој пораз нормално е да ја загубиме замодовербата, ама мислам дека сега тоа е добро, зашто во последно време фудбалерите покажуваа дека се премногу самоуверени. Мора да разговараме за пристапот на играчите посебно во вториот дел. Игравме одлично 55 минути и потоа одеднаш не бевме истиот тим. Можеби за сите е важен резултатот, ама не и за мене. Недозволиво е туку-така да покажеме поинакво лице од тоа што бевме претходно во мечот. Имавме контрола и одеднаш... Ја загубивме дистанцата, ја загубивме контролата на топката, ие го игравме нашиот фудбал“, рече Сари.