Сандерленд ќе носи дресови во чест на малиот Бредли и ќе ги продава за хуминитарни цели (ФОТО)

Малиот Бредли Лори го обедини фудбалскиот свет. Ова шестгодишно момченце, кое почина од рак во јули годинава беше вистинска маскота на фудбалот во Англија минатата сезона.

Поради него се организираа голем број хуманитарни акции за помош на болните деца. Бредли имаше редок вид на рак, битка која не можеше да ја добие, но неговата искрена насмевка и љубовта кон фудбалот ја магепсаа јавноста. Стана најдобар другар со тогашниот фудбалер на Сандерленд, Џермејн Дефо, а клубот во негова чест ќе продолжи со хуманитарните акции.

Од Сандерленд решија на следниот натпревар во Чемпионшип дивизијата против Милвол да играат со специјални дресови со логото на фондацијата отворена во чест на малиот Бредли. Ова ќе биде лимитирана едиција на дресови, која ќе се продава по цена од 49,99 фунти за возрасни и 39,99 фунти за деца. Сите пари од продажбата на дресовите ќе оди на сметка на фондацијата на Бредли, а фудбалерите своите дресови што ќе ги носат на дуелот со Милвол ќе ги продаваат на аукција и парите исто така ќе одат во фондацијата.

Собраните средства ќе бидат искористени за изградба на одморалиште во Скарборо за сите болни деца и нивните родители. Токму ова место било омилено на Бредли, па затоа неговата мајка сака во негова чест да го игради комплексот, каде сите деца и нивните родители ќе можат да уживаат.