Салах доби дозвола да не пости за Рамазан

Мохамед Салах се наоѓа пред лична и морална дилема. Тој е исклучително голем верник, а на 15 мај започнува муслиманскиот пост во пресрет на големиот празник Рамазан, точно 10 дена пред финалето во Лигата на шампиони. 

„Црвените“ се многу близу да се пласираат во финалето во Киев, но тоа може да биде исклучително тежок период за Салах, но и за уште двајца негови соиграчи Емре Џан и Садио Мане, кои исто така се муслимани.

Верските обичаи налагаат муслиманите да постат во текот на денот, што за еден професионален фудбалер е исклучително тешко, кога се тренира два пати дневно. Информациите во англиските медиуми се дека муфтијата на Египет му дозволил на Салах да ги одложи рамазанските пости, а истото важи и за сите останати египетски репрезентативци во пресрет на Светското првенство во Русија.

Одлуката ќе падне на самиот Салах дали ќе сака да ја прекина муслиманската традиција и да продолжи да тренира во полна пареа или ќе и се посвети на религијата. Фудбалерот во неколку наврати изјавува дека е исклучително религиозен и дека со нејзина помош стигнал таму каде што е.