Сагата со Ристовски продолжува: Олимпијакос се „оладил“ за десниот бек на Спортинг?!

Сагата со иднината на македонскиот репрезентативен десен бек и заменик-капитен во националниот тим, Стефан Ристовски продолжува пред крајот на преодниот рок, зашто според последните информации од Португалија и Грција, гигантот Олимпијакос се „оладил“ за опцијата да го земе фудбалерот на Спортинг Лисабон.

Ристовски од август нема настап за Спортинг, во октомври имаше сигурен трансфер во Динамо Москва, но ја одби таа опција, па зимава покрај рускиот тим во игра влегоа Олимпијакос и АЕК Атина како кандидати да го ангажираат. Дури до пред три дена, беше најавувано скоро извесно заминување на заем во Пиреа, ама сега се случува пресврт.

Португалски „Рекорд“ и грчка „Газета“ објавија дека црвено-белите се „оладиле“ за Ристовски, без конкретни детали дали пропаѓа обидот за трансфер барем до летово или до последен момент од овој преоден рок ќе се преговара. Олимпијакос го бара Ристовски на заем до крај на сезоната со опција за откуп, а Спортинг сака да го продаде за 2,5 милиони евра.

Десниот бек откако е префрлен во Б-тимот нема иднина во Спортинг, барем додека е Рубен Аморим тренер, а во пресрет на Евро 2021 и тоа како е неопходно да влезе во натпреварувачки ритам. Се најавуваше опција и за трансфер во Италија или Германија, но засега нема конкретно ништо, иако од октомври се појавуваа информации за наводен интерес.