Роналдо спречува бунт во Манчестер јунајтед против Солшер

Во таборот на Манчестер јунајтед владее очајна атмосфера по серијата лоши резултати, а особено по дебаклот од Ливерпул изминатиот викенд во Премиерлигата. 

Позицијата на менаџерот Оле Гунар Солшер е многу несигурна, а освен навивачите и медиумите, против Норвежанецот се и голем дел од играчите. Според шпекулациите во англиските медиуми, Кристијано Роналдо, а не капитенот Хери Мегваер е тој кој се обидува да ги смири страстите.

Наводно, Португалецот им кажал на соиграчите да се воздржат од коментари и бунт против менаџерот, додека е тој на позицијата. Колку и да не им се допаѓа неговата тактика или одлуките во врска со тимот, да не ја влошуваат атмосферата со кревање на гласот.

Очигледно е дека деновите на Солшер се одбројани на „Олд Трафорд“, но и натаму е на функцијата само поради тоа што челниците и натаму не можат да донесат негова замена.