Роналдо пред потпис со екипа со која би можел да стане – светски првак!

Кристијано Роналдо во моментов е без клуб, по отказот што го доби од Манчестер Јунајтед поради бомбастичното интервју за Пирс Морган во кое ги нападна сите во клубот, поради што е новогодишна желба на речиси секој светски клуб, кој барем приближно може да си ја дозволи неговата плата.

Јужноамериканските медиуми деновиве пишуваат дека сериозна заинтересираност за Португалецот изразил тимот на Фламенго, актуелниот освојувач на Купот Либертадорес.Бразилците веќе бараат спонзори кои би им помогнале да го ангажираат Роналдо, кој би дошол само на три месеци во овој тим.

Ветеранот во моментов е со Португалија на Мундијалот во Катар, каде што беше стрелец во воведната победа над Гана (3-2). Евентуалниот трансфер во Фламенго за него е интересен бидејќи би добил шанса да игра за светската клупска титула и тоа против „својот“ Реал Мадрид, чиј најдобар стрелец е во историјата.