Роналдо официјално е првиот фудбалер - милијардер!

Кристијано Роналдо ја мина „магичната“ граница од една милијарда долари богатство, објавува магазинот „Форбс“.

Тој е првиот фудбалер во светот што успеал да дојде до една милијарда долари заработка во текот на кариерата. Португалецот воедно е само третиот спортист во историјата што стигнал до милијарда, а претходно ова им успеа само на боксерот Флојд Мејведер и голферот Тајгер Вудс.

Интересно е тоа што Роналдо е единствениот спортист од тимски спорт што успеал да направи волкаво богатство. Изминатава година фудбалерот заработи неверојатни 105 милиони долари, еден милион повеќе од Лионел Меси.

Според „Форбс“, најголем дел од богатството на Роналдо се должи на неговата заработка од договорите со клубовите, Спортинг, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и сега Јувентус, односно само од плата и бонуси заработи 650 милиони долари. Оваа бројка ќе се зголеми на 765 милиони откако ќе заврши неговиот актуелен договор со Јувентус во јуни 2022 година.

Роналдо има голем број на спонзори, а сигурно најбогат е оној со „Најк“ од 20 милиони долари годишно. Интересно е тоа што овој договор со компанијата за спортска опрема е потпишан доживотно. Претходно само Мајкл Џордан и Леброн Џејмс има вакви договори со „Најк“.