Роналдо: Меси ме прави подобар фудбалер, еден ден сакам да седнеме на вечера

Кристијано Роналдо во интервју за една португалска телевизија зборуваше за неговото ривалство со Лионел Меси, кое особено беше изразено додека играше за Реал Мадрид. 

Португалецот признава дека ривалството со Меси му помогнало да напредува во кариерата. Иако можеби навивачите гледаат поинаку на нивното ривалство, сепак постои голема почит меѓу двете фудбалски ѕвезди.

„Навистина му се восхитувам на неговата кариера, тој веќе кажа дека имал проблем кога ја напуштив шпанската лига, бидејќи тоа е ривалство кое тој го почитува“, изјави фудбалерот на Јувентус. „Тоа е добро ривалство, но не е единствено. Мајкл Џордан имаше ривали во кошарката, Аиртон Сена и Алан Прост во Формула 1 беа големи ривали, а единствената заедничка точка на ривалствата во спортот е дека тие се навистина здрави. Меси ме прави мене подобар играч и обратно“, додава Роналдо.

Тој вели дека има одличен професионален однос со Аргентинецот и дека во иднина би сакал да седне на вечера со својот ривал.

„Јас имам одличен професионален однос со Меси, бидејќи ги делиме големите фудбалски моменти изминатите 15 години. Никогаш не сум бил на вечера со него, но зошто да не седнеме заедно во иднина? Не би имал проблем“, додава Роналдо.