Рома покажа многу моќ: „Волчицата“ го разнесе Шахтер на генералната проба (ВИДЕО)

Италијанска Рома покажа многу моќ на генералката вечерва пред преполниот „Олимпико“ против украински Шахтер, откако четата на Жозе Мурињо му даде пет гола (5-0) на противникот за да најави битка за највисок пласман во Серија А, која стартува идниот викенд.

Пауло Дибала, Џорџино Вајналдум, Немања Матиќ, Зеки Челик, Миле Свилар, петте летни засилувања се промовираа вечерва пред римските тифози и тоа со убедлив настап, кој влева многу надеж кај навивачите, дека римскиот гигант најмалку ќе обезбеди Лига на шампиони во идната сезона, потајно надевајќи се дека може и до „скудетото“, но и до нов европски пехар во Лига Европа.

Лоренцо Пелегрини во 18-та минута го отвори мечот, Џанлука Мансини ја дуплираше предноста во 40-та, а Јукхим Конопња си даде автогол во 45-та, по што Николо Ѕаниоло во 59-та и Едоардо Бове во 87-та додадоа уште два гола за убедливата „петарда“ за украинскиот првак.