Рома губи кај ќе стигне, а играчите добиваат – бизарни казни!

Италијанска Рома не личи на себе на стартот на сезоната, откако вчера загуби и на гостувањето кај Болоња, по што „волчицата“ останува само на еден триумф од стартот на Калчото. Алармот во Рим е веќе вклучен, затоа што римјаните загубија од тим кој немаше дадено гол досега во сезоната.

Но, ако се очекуваше дека вклучениот аларм ќе донесе некои крупни промени, па дури и смена на Еузебио Ди Франческо, кој сега не е во најдобри односи со спортскиот директор Мончи, од тоа нема ништо. Ниту пак некаква парична казна за фудбалерите. Тренерот и претседателот на клубот Џејмс Палота се решила бизарно да ги казнат фудбалерите, па тие по враќањето од гостувањето наместо дома заминаа во тренинг-кампот.

Казната за Џеко, Манолас, Де Роси и останатите беше вечерен тренинг, преноќиување во кампот и утрински тренинг денеска.

Рома во следните два меча игра со Фросиноне неделава, па со Лацио идниот викенд, а овие два меча веројатно ќе ја решат судбината на Ди Франческо. Рома во минатата сезона стигна до полуфиналето во Лигата на шампионите.