Родриго џабе фаќа место во Реал - против Жирона израмни антирекорд

Бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Родриго, го израмни рекордот за најдолга суша на голови меѓу напаѓачите кои некогаш играле за „кралскиот клуб“.

Родриго не успеал да постигне гол на 30 меча по ред, сметајќи ги сите натпреварувања. Со ова достигнување, тој го израмни рекордот што претходно го држеше Маријано Дијаз. Последниот гол Бразилецот го постигна во март, во победата од 2-1 над Атлетико Мадрид во осминафиналето на Лигата на шампионите. За да не постави нов антирекорд, Родриго мора да погоди утре на гостувањето кај Атлетик Билбао во кое Реал влегува со серија од три нерешени натпревари.

Сушата во Ла Лига трае уште подолго бидејќи последен пат погодил во јануари оваа година. Од почетокот на тековната сезона во Ла Лига, Родриго одигра 12 натпревари и 395 минути во кои не само што нема гол, туку не запишал ни асистенција.