Ристовски заврши со Спортинг – се враќа во Серија А?

Македонскиот репрезентативен десен бек Стефан Ристовски најверојатно ја заврши својата авантура со Спортинг од Лисабон, објави денеска весникот „А'Бола“, откако Македонецот доби суспензија од два меча во завршницата на сезоната и нема да ги одигра двете дербија со Порто во првенството и во финалето од Купот.

„А'Бола“ посочува дека Спортинг планира да го продаде Ристовски и добро да заработи од него, откако пред две години до купи од Риека за 2,5 милиони евра. Според информациите на весникот, во Лисабон се задоволни од настапите на Ристовски, но загрижувачка е неговата недисциплина со трите исклучувања за нешто повеќе од три месеци и тоа може да биде пресудно за да биде продаден.

Весникот пишува дека Спортинг е подготвен да ги слушне сите понуди и да преговара со секој заинтересиран клуб кој би сакал да го види Ристовски во своите редови.

Македонскиот репрезентативец после овие информации повторно се поврзува со враќање во Италија, каде во кариерата играше за Парма, Кротоне, Фросиноне, а сега римски Лацио е во преден план за негов ангажман. Лацио уште зимоска се обидуваше да го купи Ристовски, но бараше прво шестмесечен заем, а потоа право на откуп летово, што од таборот на „лавовите“ го одбија експресно.

Сооглед дека Сергеј Милинковиќ-Савиќ, највредниот фудбалер на Лацио повторно е во игра за трансфер, од кој „орлите“ може сериозно да заработат, нема да биде изненадување ако дел од парите Лацио ги искористи за да го купи Ристовски. Инаку, римјаните покрај Ристовски, заинтересирани се за уште еден македонски репрезентативец и тоа бисерот Елиф Елмас во големата битка со другите гиганти за да го ангажираат фудбалерот на истанбулски Фенербахче.