Ренова оди во изолација по четирите позитивни случаи на Ковид-19

По тестирањето за Ковид-19, четири лица од фудбалскиот клуб Ренова беа позитивни. Се работи за тројца фудбалери и еден член на клубот.

Клубот очекувано веднаш ги распушти фудбалерите, односно ги прекина тренинзите. Од клубот наскоро се очекува и официјално соопштение за следните чекори кои ќе бидат преземени. Фудбалерите добиле совет да останат во изолација, а челниците на клубот чекаат инструкции од Фудбалската федерација и Институтот за јавно здравје.

Со оглед на фактот дека при тестирањето сите фудбалери, стручен штаб и останатите вработени во клубот биле заедно на едно место, јасно е дека имале и меѓусебен контакт. Можно е уште некој член на „гипсарите“ и во следните денови да биде позитивен. Па како мерка на претпазливост клубот нема да тренира додека не бидат појасни работите.

Позитивните лица се очекува набрзо да бидат тестирани уште еднаш за да се потврдат позитивните тестови.

Мора да се напомене дека Ренова беше еден од клубовите кои јавно се спротивстави на идејата сезоната во Првата лига да биде продолжи, најмногу поради здравјето на фудбалерите и нивните најблиски. Сега рестартот на сезоната е доведена во прашање, бидејќи Ренова и Шкендија сигурно нема да тренираат во следниот период.

Предвидениот почеток на натпреварите беше помеѓу 14 и 21 јуни.