Реал веќе бирал заменик за Модриќ - има три кандидати!

Реал Мадрид летово го загуби Кристијано Роналдо, најверојатно денеска или утре ќе се поздрави и со Матео Ковачиќ, кој ќе оди во Челси, а како стојат работите ништо чудно да замине и Лука Модриќ во Интер. Е тогаш неопходно ќе биде ново, големо име во средниот ред, а шпанска „Марка“ ги објави трите можни алтернативи.

Според „Марка“, проблем за трансферот на Модриќ во Интер може да биде само времето. Преодниот рок во Шпанија трае до 31 август, но во некои други првенства завршува порано, па би можело да биде проблем да се најде замена за Модриќ. 

Таков е случајот со првата и најпосакувана алтернатива - Кристијан Ериксен. Креативниот Данец од Тотнем би бил перфектно решение, меѓутоа трансфер-периодот во Англија завршува утре (9 август), така што би било пеколно тешко за Реал дури сега да почне да се пазари со незгодниот Даниел Леви, претседателот на Тотнем, со кого веќе имаат искуства и пријатни и непријатни во имињата на Модриќ, Бејл, Почетино. Тотнем дури и да земе добра пара за Ериксен, треба да биде максимално снаодлив и умешен да најде некаква замена за него.

Втората опција е Тијаго Алкантара, фудбалерот на Баерн Минхен, кој има минато во Барселона. Во еден момент од неговата кариера бордот на Реал имаше можност да го купи, но тогашната откупна клаузула од 20 милиони евра им изгледаше превисока. Сега, новиот тренер, Лопетеги, би сакал да го види во својот состав и верувал дека може да наметне ритам во Реал, така што тој е реална опција.

Третата е Србинот Сергеј Милинковиќ-Савиќ од Лацио, за кого имаше голем интерес летово, но полека како да паѓа. Римјаните поставија цена од 100 милиони евра, која Реал немаше намера да ја плати, но сега таа се спуштила на 70 милиони, па и тоа е за верување, со оглед на младоста и потенцијалот на Србинот.

Меѓутоа, со оглед на најновиот резвој, се поизвесно е дека Модриќ ќе си замине од Реал. Денеска одбил да тренира, а најавениот состанок со Флорентино Перез сигурно ќе пресуди каква ќе биде иднината.