Реал тргнува по ѕвездата на Наполи: Модриќ плус 50 милиони за Кулибали

Екипата на Реал Мадрид тргнува фуриосно кога е во прашање јануарскиот трансфер период. „Кралевите“ сакаат да се засилат со неколку играчи кои веќе некое време се на радарот на Зинедин Зидан.

Еден од играчите кој подолг период е на мета на „Кралскиот“ клуб е Калиду Кулибали од Наполи. Сенегалецот е многу важен играч на Наполитанците и има забележано 19 настапи оваа сезона.

Шпанскиот „Ел Десмарке“ пишува дека Реал ќе му понуди на Наполи 50 милиони евра, плус Лука Модриќ за 28-годишниот стопер.

Италијанскиот клуб го проценува Кулибали на 120 милиони евра, но, наводно, е подготвен да преговара доколку хрватскиот играч од средниот ред оди во спротивен правец.

Тимот на Мадрид не е единствениот што сака да донесе играчот на Наполи, интерес покажа и Барселона, па затоа Реал ќе се обиде да го донесе Кулибали на „Сантијаго Бернабе“ уште во јануарскиот трансфер рок.

Сопственикот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис претходно откри дека ја одбил понудата од 105 милиони евра за Кулибали, но и дека ќе дојде време кога ќе мора да го продаде.