Реал остана без Азар во клучната недела: Зидан призна – не изгледа добро!

Најтрофејниот шпански клуб Реал Мадрид веројатно ќе мора во клучната недела да игра без својата најголема ѕвезда Еден Азар, кој само три недели откако се врати од повредата на мускулот по две ипол месечна пауза, повторно се повреди, овојпат – скочниот зглоб.

Азар побара замена после нешто повеќе од еден час игра, а сега тренерот на „кралевите“ Зинедин Зидан објави по мечот дека првите впечатоци се дека – повредата не е наивна.

„Изгледа лошо. Чувствува голема болка. Ова е голем удар, но да почекаме до утре. Да ги видиме тестовите, но ќе кажам пак, не изгледа добро“, рече Зидан.

Емилио Буграгењо, директорот на мадридскиот великан објави дека Азар има сериозен удар во десниот скочен зглоб, но не сакаше да навлегува во детали.

Реал Мадрид во следнава недела го очекува првото осминафинале со Манчестер сити, а потоа и „ел класико“ со Барселона, па неиграњето на Азар, кое засега е многу извесно би било сериозен хендикеп за „кралевите“ за оваа сезона во обид да освојат некој пехар. Мадриѓаните испаднаа од Купот, па им преостанува битка само за Ла Лига и Лигата на шампионите.

Синоќа Реал Мадрид загуби од Леванте на нашиот Енис Барди и со тоа пред „ел класико“ ѝ го пропушти врвот на Барселона, која на крилата на Лионел Меси го торпедираше Еибар.