Реал објави фотографија која значи: Збогум Модриќ! (ФОТО)

Реал Мадрид направи потег со кој индиректно им порача на навивачите дека престојот на Лука Модриќ на „Сантјаго Бернабеу“ е при крај. Така барем се толкуваат активностите на социјалните мрежи во денешново модерно време, кога имиџот на интернет значи многу.

Реал Мадрид ја смени својата насловна фотографија на профилот на Фејсбук, ставајќи нова, со Бејл, Бензема, Рамос, Марсело и Крос. Да е приватен профил, промена на фотографија не би значела многу, но за клуб како Реал, со 140 милиони следбеници на социјалните мрежи, секој потег е пресметан и испланиран.

Затоа, изоставувањето на важен играч како Лука Модриќ не може да се третира како случајност, туку како порака дека Хрватот нема да биде дел од тимот и следнава сезона. А само два дена претходно политиката на Реал беше спротивна. На Твитер објавија како ќе изгледаат новите гостински дресови, во црвена варијанта, ставајќи го токму Модриќ како модел. Ова беше протолкувано како порака до Модриќ – „не одиш никаде“.

Што се смени во меѓувреме? Агентите на Модриќ дојдоа во Мадрид на разговори или, како што пишуваат медиумите, на убедување Реал да го пушти, бидејќи тој немал намера да останува. Средбата меѓу Флорентино Перез и Хрватот е закажана за денеска, па можеби ќе излезе резултат од овој случај исполнет со неизвесност.

Модриќ директно нема кажано ништо, но медиумите интензивно пишуваат за неговиот интерес да премине во Интер, по стапките на репрезентативните колеги Иван Перишиќ, Марсело Брозовиќ и, најново, Шиме Врсаљко.