Реал Мадрид се откажал од Икарди и тоа поради - неговата сопруга!

Напаѓачот на Интер, Мауро Икарди има одлична сезона, откако постигна 15 голови на 28 натпревари, но во претходните денови се соочи со големи проблеми, откако најпрво му беше одземена капитенската лента, а потоа одби да патува со екипата во Виена за мечот во Лига Европа против Рапид.

Аргентинецот поради изјавата на неговата сопруга Ванда Нара остана без капитенската лента, а очигледно тоа ќе значи и крај за него на „Џузепе Меаца“, а не е јасно уште каде би можел да ја продолжи кариерата.

Икарди се поврзуваше со трансфер во Реал Мадрид. Неговите настапи не поминаа незабележано од страна на „кралевите“ и беа подготвени да дадат 100 милиони евра за неговите услуги, но сега се предомислија.

Меѓутоа, „кралевите“ се откажале од ангажирање на 26-годишниот напаѓач, а причината повторно е Ванда, која е негов агент. Во Мадрид не сакаат да преговараат со неа за трансфер и на крајот решија да не го купат Аргентинецот.

Голгетерот најверојатно ќе најде друго решение, а за него интерес покажаа уште неколку европски гиганти, меѓу кои најзагреан е Јувентус.