Реал Мадрид се ослободи од седум играчи, а Зидан треба да исчисти уште – деветмина!

Најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид прави комплетна реконструкција на тимот под палката на Зинедин Зидан, па веќе го урна својот клупски рекорд со преку 300 милиони евра потрошени на засилувања. Но, во Мадрид топрва треба да следи чистката зашто Зидан ја нема завршено комплетната реконструкција.

Мадриѓаните веќе ги донесоа Азар, Милитао, Јовиќ, Менди, Родријго, а го посакуваат и Пол Погба, како шлаг на тортата, но за францускиот репрезентативец ќе треба да соберат пари за да тргнат во акција. Доаѓањето на новите имиња од „Сантјаго Бернабеу“ веќе си заминаа седумина, некои на заем, некои со трансфери, а Зидан треба да исчисти уште – девет.

Планот на Зидан е екипата да ја сведе на 25 фудбалери, а може и нешто помалку (до 23) и сега треба да се „реши“ од низата фудбалери на кои не смета. Пред се од еден од двата голмани Кејлор Навас или Андриј Лунин (Бетис го сака на заем), потоа да ја заврши работата со Хамес Родригес, кој се врати во тимот по двегодишниот заем во Баерн Минхен (Атлетико Мадрид или Наполи се следна дестинација), како и со најгорливиот проблем – Герет Бејл, кој се инаети и не сака да си оди.

На списокот за чистка е и Борха Мајорал, Хесус Валехо, Брахим Дијаз, Дани Себалјос, Иско, Лукас Васкез и Маријано Дијаз. Нивната иднина е неизвесна кај „кралевите“, а за добра понуда сите се слободни да си заминат.