Реал Мадрид на „мускули“ до минимален триумф против Ваљадолид (ВИДЕО)

Реал Мадрид воопшто не блеска сезонава во Ла Лига и повторно дојде до тежок триумф, овој пат против Валјадолид од 1-0 во рамки на 3.коло во Ла Лига. 

По ремито без голови кај Реал Сосиедад и триумфот од 3-2 на гости кај Бетис, денеска „кралевите“ уште еднаш се изнамачија. Зинедин Зидан повторно правеше доста експерименти со составот и по подолго време им даде шанса од првата минута на Лука Јовиќ и Иско, кои не ја искористија.

Клучниот момент на натпреварот се случи во 65-тата минута, кога погоди Винисиус Жуниор, кратко откако влезе во игра на местото на Јовиќ. Бразилецот среќно дојде до топката, бидејќи всушност му асистираше играч на противничкиот тим, кој се обиде да ја расчисти топката пред Карим Бензема. Винисиус не погреши и подарокот го претвори во гол, кој на крајот се покажа како доволен за три бода за шампионот.