Реал Мадрид влезе во трката за СМС

Лука Јовиќ би можел да добие српско друштво во Реал Мадрид, бидејќи шпанските медиуми почнаа со шпекулирање со името на Сергеј Милинковиќ-Савиќ од Лацио.

Србинот веќе неколку сезони е еден од најдобрите играчи во Серија А и често беше поврзуван со трансфер во некој од тамошните гиганти, како Јувентус и Интер. Во последно време интерес за популарниот СМС покажува и ПСЖ преку спортскиот директор Леонардо.

Сега и Зинедин Зидан би сакал да го види во Реал Мадрид, пишува весникот „АС“. Неговата моментална цена е околу 60 милиони евра, но Лацио инсистира на многу повеќе за да го ослободи од својот договор. Трансфер-пазарот можеби ќе се смени летово поради пандемијата од коронавирусот, па клубовите нема да бидат во можноста да трошат огромни суми на нови фудбалери.

Дел од клубовите ќе забележат и големи финансиски загуби, па ќе бидат приморани да продаваат некои од своите највредни фудбалери. Ова сигурно важи и за Лацио, бидејќи интересот за Милинковиќ-Савиќ е огромен низ цела Европа.