Реал Мадрид го најде новиот Модриќ – Ловро Мајер на лето доаѓа на „Бернабеу“

Најтрофејниот светски клуб Реал Мадрид на лето ќе го донесе наследникот на Лука Модриќ, кој е сѐ поблизу до пензионерските денови, па „Ел Национал“ објави дека доскорешниот соиграч на Стефан Ристовски и Аријан Адеми, Ловро Мајер ќе дојде на „Сантјаго Бернабеу“ после само една сезона во француски Рен.

Мајер беше посочен како еден од најголемите таленти и иден лидер во Хрватска, зашто игра токму на позицијата на Модриќ, па многумина го гледаат како негов наследник. Мајер во Рен игра извонредно откако замина од Динамо за 15-на милиони евра, а викендов блескаше со хет-трик на асистенции.

Според весникот, Реал за 35 милиони евра или двојно повеќе од тоа што Рен плати за Хрватот планира да го донесе, што нема да биде изненадување, зашто летово од овој француски клуб го купија најталентираниот Французин, исто така фудбалер за врска, Едуардо Камавинга кој во иднина треба да го замени Касемиро.

Добрата соработка на Реал со Рен практично на „кралевите“ ќе им овозможи да донесат уште еден екстраталент, а веќе е јасна стратегијата на клубот да го донесат најдоброто од младите фудбалери и да направат нов „галактикос“ кој долго ќе игра заедно.