Реал го распродава имиџот како никогаш досега - деветти пораз во сезоната (ВИДЕО)

Најтрофејниот шпански клуб Реал Мадрид не престанува да си го руши имиџот кој со години го градеше, па денеска загуби од Леганес со 0-1 во реванш осминафиналниот меч во Купот, пораз кој не е така болен за „кралевите“, зашто со триумфот со 3-0 во првиот меч практично го решија патникот за четвртфиналето.

Сепак, горчлив е вкусот кај навивачите на Реал, кои сезонава како никогаш досега барем во изминативе две децении не виделе толку резултатски бламажи од својот миленик, како во оваа. И тоа, Реал Мадрид губи од тимови, кои практично со пола здив ги победувал. А, сезонава „кралевите“ беа на колена со Леванте, Алавес, двапати со ЦСКА Москва, Еибар, Реал Сосиедад, вечерва со Леганес. Во овие порази се и дебаклот со 1-5 од Барселона, со 0-3 од Севилја, како и загубениот европски Суперкуп од Атлетико Мадрид.

Вечерва против Леганес пресуди еден момент по еден час игра кога Брајтвајт погоди за водство и голема победа на малиот клуб против великанот на светскиот фудбал. Иако Реал играше практично со Б-тим, без најголем дел од ѕвездите, сепак не е оправдување фактот дека кој стигне годинава се радува на триумф и ја урива самодовербата на актуелниот европски и светски клупски првак.