Рашфорд верува во катастрофалниот Јунајтед: Можеме да се пласираме меѓу четирите најдобри

Екипата на Манчестер Јунајтед синоќа обезбеди пласман во нокаут фазата во Лигата на Европа, откако на домашен терен славеше против Партизан со убедливи 3-0.

Маркус Рашфорд повторно погоди за „ѓаволите“ со што само ја потврди добрата форма во последните неколку меча. По обезбедениот пласман во следната фаза, тој додаде дека фокусот во наредниот период ќе им биде да го подобрат билансот во домашното првенство, а воедно верува дека неговиот тим би можел да заврши меѓу најдобрите четири екипи и да се квалификува во Лигата на шампиони.

„Црвените ѓаволи“ се, благо речено, слаби во досегашните настапи и се на 10-то место во Премиер лигата

Ќе биде тешко, но сигурно не е невозможно да се пласираме меѓу четирите најдобри. Ние само треба да мислиме за нашите перформанси, а не за другите. Играме најдобро кога сме фокусирани на нашата игра и размислуваме само за тоа како да се подобриме. Работите можат да бидат прилично добри, но тие исто така можат да бидат комплицирани, затоа мора да бидеме внимателни. Сега првата цел е да се приближиме до водечките тимови. Да се ​​направи низа од неколку победи кои ќе ни помогнат во понатамошниот дел од сезоната. Покрај тоа, не смееме да ги правиме грешките на „Олд Трафорд“. Треба да бидеме константни особено во нашата игра затоа што тоа ќе ни донесе резултати, додаде напаѓачот, кој наполни 22 години пред неколку дена.