„Рашфорд се повреди зашто беше резерва“

Еден од најдобрите фудбалери сезонава во редовите на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд, се повреди на натпреварот против Вулверхемптон кој се одигра во средата, во рамки на ФА Купот.

Според легендарниот фудбалер Пол Инс, причина за неговата повреда било тоа што не бил навикнат младиот Англичанец да седи на клупата за резерви.

Напаѓачот на „Црвените ѓаволи“ влезе од клупата, но беше заменет 16 минути подоцна, откако доби удар од Мет Доерти.

Маркус е носител на секој натпревар и не мислам дека е навикнат воопшто да биде резервен играч. И јас не мислам дека тој го знае процесот на подготовка на резервен играч пред да влезе во игра. Тој не знае точно како да го одработи загревањето и на што да стави акцент, пред да влезе на теренот. Тој веројатно не очекуваше да влезе во игра, но одеднаш тимот се најде во позиција да бара задолжителен гол и Рашфорд мораше да се појави на теренот, изјави поранешниот репрезентативец на Англија.