ПСЖ во акција: Во јануари ќе се засилува со двоец од Ривер плејт?

Француски Пари Сен Жермен веќе скроил план за зимскиот преоден рок, во кој главни две цели на „светците“ е ангажман на двоец од актуелниот јужноамерикански првак Ривер плејт, кој следната недела против Бока ќе се бори за ново финале во Копа Либертадорес.

Според последните информации на француските медиуми, ПСЖ веќе има првични контакти за „бизнис“ со Ривер за Лукас Мартинез и Езекил Паласиос, фудбалерот за кој лани беше заинтересиран Реал Мадрид, но трансферот не се реализира по смената на Сантјаго Солари од клупата.

Паласиос и Мартинез се два извонредни фудбалери со кои ПСЖ смета дека ќе добие уште повеќе на квалитет. Паласиос е 21 годишен фудбалер за врска, додека Мартинез е 23-годишен дефанзивец. За двајцата интерес има и од други европски клубови, а Ривер сега очекува добро финансиски да се офајди, па за двоецот може да бара и двојно повеќе од тоа што во моментов ги проценуваат фудбалерите на фудбалскиот пазар, сакајќи да го искористи големото богатство на катарските газди во Париз.

Паласиос има цена од 20 милиони евра, додека Мартинез од осум милиони евра.